Велосипедистот Константин Костоски веќе е мошне познат на јавноста иако има само 17 години. Тој вчера како единствен Македонец настапи на Европското првенство во друмски велосипедизам на патеката „Drome Ardeche“ („Дром Ардеш“) во Франција. Дознаваме дека вчера иако во нарушена здравствена состојба, болен, сепак одлучил да тргне на стартот во јуниорската конкуренција на возраст до 19 години, меѓу 150 учесници, и да извози добар дел, најтежок дел од патеката долга 103.4 километри. Болен да вози – тоа е херојски, според името на прилепскиот велосипедски клуб Херој. Ако се погледне извештајот за вчерашната трка, се забележува дека 74 велосипедисти успеале да стигнат на целта, а 76 не успеале. Во таа група од 76 е и болниот Костоски, заедно со учесници од Латвија, Чешка, Украина, Италија, Словенија, Полска, Бугарија, Швајцарија, Норвешка, Шведска, Ирска, Србија, Португалија, Албанија, Азербејџан, Босна и Херцеговина, Хрватска, Унгарија, Израел, Литванија, Луксембург, Германија, Молдавија, Монако, Романија, Турција, Белгија, Холандија, Финска, Грција.
Медалите се за: Карл Херцог (Германија), Роберто Капело (Италија) и Дејвид Гафни (Ирска).
За Константин Костоски претстои нова шанса в година на следното Европско во Словенија, кога со уште поголема поддршка, во најдобра здравствена состојба, ќе може и до давање максимум од себе си, се разбира, со претходни подготовки во Шпанија, Хрватска и на други места.