Вечерва (20.30 часот) за прилепчаните стартува Првата кошаркарска лига на Македонија А-група. Во тие рамки во овој термин се игра мечот Мега баскет (Прилеп) – Црн Дрим (Струга) во салата од ООУ „Добре Јованоски“ во Прилеп. Интересен меч за многу публика, за публика која ќе го поддржи прилепскиот амбициозен состав на патот кон висок пласман.
Еве некои податоци во врска со прилепски Мега баскет. Има пријавено список од играчи, меѓу нив и еден странец, Србинот Владимир Враниќ, 36-годишен, највозрасен во клубот. По него најблиску по возраст се Блажо Митков (28), Александар Јовановски (27) и Христијан Радически (26). Има и други интересни играчи, Давид Нешиќ (17-годишен), на позајмица од скопски Феникс, Наум Марковски (18) и Благојче Димитровски (18), двајцата со двојна регистрација и за битолски Пелистер. За Христијан Радически и Даниел Балоски (20) треба да се знае оти се стружани, а има и кавадарчанец – Блажо Митков (28).
Во врска со стручниот кадар, за тренер е пријавен битолчанецот Благој Печалов, негови помошници Сашо Костоски и Златко Ристески. Прв човек на клубот, претседател е Данаил Домлески.
Мега баскет имаше есенски подготовки, со четири пријателски меча.