Во Прилеп имаше дуел според долга традиција, Победа (Прилеп) – Брегалница (Штип) во којшто исходот е очекуван – фаворитот победи. Но пак остана забелешката од прилепската страна дека се не беше баш чисто. Имено, кандидатот за влез во прволигашкото друштво, Брегалница, никако не успеваше да ја затресе домашната мрежа на 18-годишниот Марко Николоски се до 22 минута од мечот. Тогаш гол постигна Хусеин Демири за 0:1. Отстрана гледано, од трибина, изгледаше дека е чист офсајд, но играта не беше прекината, гостите го направија најтешкото – го постигнаа првиот гол, а потоа беше полесно отколку дотогаш. Тие што ја прегледаа снимката велат дека станува збор за чист офсајд, така што Брегалница постигна гол од офсајд за да ја разбие домашната екипа составена од 19 младинци и само еден повозрасен на 22 години – Мартин Талески.
Острата забелешка од засегнатите беше со следните зборови:
– Не ви е срам, офсајд не досудувате против деца од 16 години!
И навистина, во прилепскиот тим имаше од млади-помлади, дури и двајца на 16 години – едниот во прва постава, Гоце Кузманоски, вториот влезен во 64. минута – Ведран Мегленски.
Од 22. минута па натаму Брегалница искористи уште три шанси, преку Давид Калпачки во 33., Дино Михолов во 75. и Даријан Тасев во 87.минута за 0:4. Младата, претежно младинската екипа Победа даде максимум отпор, борбеност, имаше неколку корнери, скратени корнери, шанси за гол, така што нема место за забелешки.
ЗАПИСНИК ПОБЕДА – БРЕГАЛНИЦА Ш. 0:4
РЕЗУЛТАТИ 15. КОЛО ВТОРА ЛИГА: Победа – Брегалница Ш. 0:4, Шкендија А. – Саса 2:0, Беласица – Преспа 3:1. Одложени за 14 февруари 2026: Големо Коњари – Тетекс, Детонит – Скопје, Слога – Охрид, Кожуф – Вардар и Осогово – Новаци.
ТАБЕЛА: Шкендија А. 35, Брегалница Ш. 33, Беласица 31, Охрид 30, Скопје 29, Новаци 26, Осогово и Детонит 23, Кожуф 20, Саса 17, Тетекс 13, Победа и Вардар Н. 11, Преспа 9, Слога В. 7, Големо Коњари 3.
Следниот второлигашки меч Победа го има напролет, во 16.коло, дома со Новаци.