Денеска претставници на македонското воздухопловно моделарство (спортисти, меѓународни судии, професионални пилоти, добитници на меѓународни признанија) имаа средба со медиумите во хотелот „Кристал палас“ во Прилеп. Прв до јавноста се обрати Здравко Тодороски, член на Управниот одбор на Воздухопловната федерација на Македонија, претседател на клубот Фил феникс од Прилеп, дел од организацискиот тим на меѓународните натпреварувања.
– Зборуваме за врвен спорт, бидејќи не е само учество, туку достигнување на врвни резултати од нашите спортисти. Македонија има добро и заслужено место во рамките на меѓународната воздухопловна сцена и е почитувана држава во сите аспекти – комисии за моделарство, моторно летање, за сите други дисциплини коишто се застапени, како модели во слободен лет, дронови, воздухопловни едрилици, прецизно летање… Јас сум задоволен, затоа што нашиот ентузијазам и желбата да излеземе на меѓународната сцена е успешен, затоа што минатата година достигнавме јубилеј од 25 години организирање на Светскиот куп Прилеп, што е редок случај во меѓународните рамки, а освен тоа нашите спортисти достигнаа да бидат рамо до рамо со врвните светски. Така, веќе го имаме првиот во светот – јуниорот Лука Најдоски, победник во генерален пласман во Светскиот куп. Не само што е прв меѓу јуниорите, ами тој високо котира и кај сениорите, каде е 13. место меѓу 300. Организиравме 5 светски и европски првенства досега, а ВФМ ни даде можност да организираме 2 шампионата оваа 2026 година, што се следен предизвик за општината, за државата – за организацискиот тим, Светското јуниорско и Европското сениорско првенство. Двете се за 11 дена, ако го сметаме и претходниот Светски куп тука. Градот Прилеп ќе биде под спортска окупација на 45 држави -покрај од Европа, и од најголемите Кина, САД, вкупно над 500 присутни, од 23 јули до 3 август, на теренот кај Веселчани – најави Тодороски.
Најуспешниот наш спортист Лука Најдоски има само 16 години. Со овој спорт воздухопловно спортско моделарство се занимава веќе 5 години. Се определил под влијание на татко му Станислав, чие задоволство е огромно затоа што синот го достигна врвот. Еве што вели Лука Најдоски:
– Во 2025 година го освоив Светскиот куп во воздухоловно моделарство – категорија Ф1А едрилици во јуниорската конкуренција. Тоа се серија натпревари, коишто се низ разни места, во Романија, Србија… Од рана возраст ме привлече овој спорт, авионите и се што е поврзано со летање, така што ми се јави голема љубов за да бидам член на прилепскиот клуб. Конкуренцијата на меѓународната сцена е силна, разликата помеѓу мене – првопласиран и второпласираниот од Полска е мала, околу 50 бода. Значајно е што овој спорт ми внесе уште поголема желба кон воздухопловството, па запишан сум во училиште за воздухопловство, а имам и цели во животот што сакам да ги остварам. Конкретно, во врска со образованието, учам во Белград, на Воздухопловната школа, на насоката авиотехничар и механичар, за сервис и контрола на авиони и тука сакам да останам и продолжам и натаму, затоа што тоа ме интересира, тоа го сакам – рече Лука.

Имаше присутни од Прилеп, Куманово, Битола… Од Куманово беше пилотот Никола Петковски. Тој веќе 50 години е професионален пилот. Кариерата ја завршил на 1 октомври минатата година.
– Досега сум управувал 24 типа авиони. Сум бил и пилот-инструктор, во земјоделската авијација… И кај денешниве младинци има интерес. Ним им порачувам: Ако почнат обука – да ја завршат. Многу убава професија, но бара многу финансиски вложувања за да се стигне до некој степен. Денеска сум во Прилеп поради добивање диплома од Светската воздухопловна организација по повод 50-годишната кариера. Државата во последните 30 години крева раце од финансирање на воздухопловството, од обуката на пилоти. Самите кандидати финансираат. Војската направи една обука – од 200 кандидати само 8 завршија. Затоа треба да се активираат аероклубовите, коишто се база за кадрите што ќе излегуваат, а сето тоа државата да го финансира. За некој да стане пилот потребни се можеби до 100 илјади евра, а кој може тоа да го овозможи? Најдобро е државата, за да не се дојде до ситуација да немаме пилоти во државата. Сегашниот просек на возраста на нашите пилоти е 60 години – рече Петковски, во чии раце денеска стигна и меѓународното признание, доделено од страна на Здравко Тодороски, којшто доби диплома на честа за клубот Фил феникс, 25 години организатор на светски купови.

На крајот официјалниот дел од средбата Здравко Тодороски го заврши со доделување ФАИ-лиценци за меѓународните судии, ФАИ-лиценци за спортистите, како и благодарница на Горан Ѓорѓиевски, претставникот на „Бехтел и Енка“, странска компанија којашто има дадено значајна поддршка.
.
