За сите во Македонија на 21 февруари, претстојнава сабота, почнува Втората лига, со 16. коло, прво пролетно. За сите освен за прилепчаните. Причина е ФК Победа, клуб кој најави дека нема да го одигра пролетниот дел од првенството, иако, за волја на вистината, некои поединци се јавија и ветија голема борба докрај за да се доигра сезоната. Меѓутоа, досега никакви оптимистички информации нема, особено во последниве денови, така што загриженоста е оправдана дека в сабота од 14 часот нема да има дуел Победа – Новаци на Градскиот стадион „Гоце Делчев“. Низ градот, под Марковите Кули, се уште постојат симпатизери на клубот коишто се надеваат на чудо, но службени лица меѓу нив нема.
Значи, немаше активности во преодниот рок (регистрација, пререгистрација…), ангажирање на шеф на Стручниот штаб и асистенти, одржување на подготовки, тренинзи и одигрување на пријателски мечеви, па тие што одамна се песимисти и сега го повторуваат истото прашање: Како фудбалски Прилеп натаму без својата Победа?Како Мадрид без Реал! Една Победа (двократниот македонски шампион) беше до 2010 година, до казните од УЕФА со осумгодишна суспензија, а потоа се формира оваа Победа од 2010 година наваму (во почетокот како Победа јуниор). Сега се зборува низ Прилеп пак за формирање нов клуб, со вклучување во некоја од лигите наесен.
Така, најверојатно, прилепската фудбалска јавност ќе ја следи Втората лига поради друг свој претставник – Големо Коњари, додека пролетниот старт е закажан и за уште три други лиги, Третата лига – Југ за 1 март, лигите А и Б од ОФС Прилеп на 15 март.
Подолу се сите распореди,
21 февруари, Втора лига 16. коло
Тетекс – Вардар Н.,
Кожуф – Брегалница Ш.,
Победа – Новаци,
Осогово – Саса,
Шкендија А. – Преспа,
Беласица – Охрид,
Слога В. – Скопје,
Детонит – Големо Коњари.
1 март, Трета лига – Југ 14. коло
Млекар – Превалец,
Дреново – Питу Гули,
Ултрас – Младост К.,
Венец – Бучин,
Борец – Росоман,
Тополка – Влазними јуниор,
Башкими слободен.
15 март А-Лига на ОФС Прилеп, 8. коло
Братство Г.К. – Козара,
Динамо – Кадица,
Црвена ѕвезда – Кадино,
Стрела – Гарван.
15 март Б-Лига на ОФС Прилеп, 8. коло
Партизан О. – Корзо,
Пролетер – Канатларспор,
Прилеп сити – Боротино,
Братство Ж. – Канатларци.