Меѓу прилепчаните е големо разочарување по високите пролетни порази на Победа, од кои највисокиот е денешниот во Охрид: Охрид – Победа 10:0. Има коментари дека „срамота е да се игра вака“, „подобро е да не се доигра првенството“, „виновни се сите што инсистираа да се доигра сезоната“ и сл. Навистина може да се разбере или прифати коментар како првиот, но не и како вториот или третиот. Нели срамота е и да се излезе од лигата? Зарем Победа, клуб со такво име, некогаш така или слично постапила? Сите што се противеа на згаснувањето на клубот, што инсистираа да се доигра сезоната, тие тоа го правеа многу одамна, пред неколку месеци, во периодот кога имаше доволно време и да се среди клубот – организациски и финансиски, да се доведат засилувања и да се задржат дотогашните играчи, совреме да се одбере комплетен Стручен штаб… Во времето кога сите рокови беа поминати, без одржани тренинзи, подготовки и пријателски мечеви, не може да се бараат виновници во тие што прифатија да го водат клубот во најтешкото, да бидат тренери или играчи. Тие направија подвиг, дадоа и даваат се од себе. Сега треба да се издржи и по вакви тешки порази, затоа што се учи и при победи и при порази. За овие „деца“ на Победа треба поддршка до завршувањето на првенството, затоа што ова искуство сигурно ќе биде од полза за следната сезона.
Инаку, во тимот на Победа денеска беа 14 фудбалери, меѓу кои највозрасниот има 21 година – Марио Тасески (роден на 27 август 2004), додека најмал е со 16 години – Гоце Кузманоски (19 март 2009). Истата година е роден и Бруно Стефаноски (31 јануари 2009). За споредба, во Охрид најмладиот има 18 години – Бојан Затуроски (12 мај 2007), а највозрасниот 30 години – Дарко Илиески (14 октомври 1995), играч кој потекнува од Победа, исто како и 21-годишниот Леонид Кофиловски (24 октомври 2004).
РЕЗУЛТАТИ 19. КОЛО: Охрид – Победа 10:0, Слога В. – Тетекс 0:3, Детонит – Беласица 0:1, Скопје – Осогово 2:0, Преспа – Кожуф 1:3, Саса – Вардар Н. 1:0, Новаци – Брегалница Ш, 1:3. Недела, 8 март, 14 часот: Големо Коњари – Шкендија А.
ТАБЕЛА: Охрид 43, Скопје 41, Брегалница Ш. 40, Шкендија А. 39, Беласица 37, Новаци 36, Детонит 35, Осогово 33, Кожуф 29, Саса и Тетекс по 241, Преспа и Вардар Н. по 12, Победа 11, Слога В. 8, Големо Коњари 4.
СЛЕДНО 20. КОЛО (сабота, 14 март, 14.30 часот): Победа – Скопје, Осогово – Големо Коњари, Тетекс – Новаци, Брегалница Ш. – Саса, Вардар Н. – Преспа, Кожуф – Охрид, Шкендија А. – Детонит, Беласица – Слога В.