Денеска е потврдено дека има уште еден нов играч во прилепска Победа – Давид Дебрешлиоски. Иако е млад, 21-годишен, мошне е значајно неговото присуство во тимот на Стојанче Дунимаглоски. Станува збор за докажан квалитет, така што неслучајно е баран во повеќе клубови. Потсетуваме – откако есента 2024 играше за Победа, премина во радовишки Детонит каде одигра пролетоска, потоа два првенствени меча есенва го носеше дресот на Слога Виница, за сега пак да се врати во Победа, во пресрет на утрешниот дуел со Охрид.
Нов во прилепскиот тим против Охрид можно е да биде и голманот Дарко Тофилоски (последен клуб му беше Беса од Добридол), Лука Варошаноски (Брера, Струмица), како и кадетот Давид Здравески (Пелистер, Битола). Тоа значи дека Победа сигурно ќе биде посилна, со пооправдана амбиција да освои три бода, бидејќи, да потсетиме дека нови имаше уште осуммина, а и покрај нив тие што потекнуваат оттука млади, талентирани.
Интересно е што во екипата Охрид утре ќе се појави прилепчанец, довчерашниот капитен на Победа Леонид Кофиловски.
Мечот од 4. рунда на Втората лига, Победа – Охрид, утре (сабота) е од 15.30 часот на Градскиот стадион „Гоце Делчев“ во Прилеп.